Очекувам народните избраници да ја исполнат својата должност кон бугарските граѓани и државата и да го конституираат парламентот, рече за новинарите бугарскиот претседател Румен Радев кој во моментов е во Брисел.

Коментирајќи ги неуспешните обиди на бугарските пратеници да изберат претседател на парламентот трет ден по ред, Радев рече дека ако се продолжи со ова темпо ќе се доведе до целосна блокада на државата.

Не само што има важни закони кои парламентот треба да ги донесе, туку и низа важни државни органи, кои се уставно формирани, а се во нецелосен состав или работат надвор од својот мандат. Ако продолжиме вака, ќе доведеме до целосна блокада на државата -посочи бугарскиот претседател.

Радев додаде дека мандатот за формирање нова влада може да го предаде само тогаш кога ќе бидат структуирани пратеничките групи во собранието.

Бугарските пратеници денеска трет ден по ред се обидуваат да изберат претседател на парламентот. Утринава се одржа петтата по ред постапка за избор на шеф на Народното собрание, но и таа беше неуспешна.

Така, работата на Народното собрание е целосно блокирана бидејќи првата седница не може да се затвори додека не се избере претседател на парламентот, а пратениците можат да се занимаваат само со оваа тема, но не и со создавање комисии и разгледување на законите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.