Магазинот „Политико“ и агенцијата Блумберг очекуваат дека ќе биде тешко да се формира нова влада во Бугарија по вчерашните предвремени парламентарни избори. И според двата американски медиуми, на долготрајната политичка криза во оваа балканска земја не и се гледа крај, јави БТА.

На изборите победи партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов, но се уште е многу нејасно дали поранешниот карате шампион со нарушен имиџ ќе успее да формира влада, забележува Политико. Тоа беа четврти парламентарни избори во Бугарија за 18 месеци и сега Борисов ќе треба да се обиде да формира владина коалиција во многу фрагментиран политички пејзаж. Сепак, потребата за формирање влада само ќе биде комплицирана од „токсичната репутација“ на поранешниот премиер, коментира „Политико“ и потсетува на протестите против неговата влада во 2020 година.

И покрај неговата често пријатна врска со Кремљ и руските енергетски компании, поранешениот бодигард се обидува на овие избори да се претстави како проевропски атлантист, забележуваат американскиот медиум кој ги гледа природните сојузници на ГЕРБ во второпласираната проевропска и про-НАТО коалиција „Продолжување со промените“, предводена од поранешниот премиер Кирил Петков и во антикорупциската формација „Демократска Бугарија“. И двете политички сили, сепак, сметаат дека Борисов е персонификација на проблемите на земјата и е многу мала веројатноста да се согласат да соработуваат со ГЕРБ доколку тој не се повлече од политиката.

Доколку поранешниот премиер не успее да најде излез од ќорсокакот, претседателот Румен Радев најверојатно ќе назначи преодна влада до одржување на нови предвремени избори за неколку месеци. Сепак, сопствената позиција на Радев за Русија се смета за двосмислена, забележува Политико.

Според агенцијата Блумберг, се појавува политичка парализа и покрај првото место на партијата на Борисов. Коалицијата предводена од Петков беше втора, но и таа нема јасен пат до мнозинство. Долготрајната неизвесност може да ја доведе во тешка позиција најсиромашната земја од ЕУ, предупредуваат американскиот медиум.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.