Под централен наслов „Големата транзиција“, во грчкиот планински град со античко значење Делфи, денеска започнува деветтиот Економски форум, на кој најавени се над 1.000 говорници од 70 земји, јави дописничката на МИА од Атина.

Според организаторите, дискусиите на форумот што ќе трае до сабота, ќе се фокусираат на повеќеслојните транзиции што се случуваат во речиси секоја област од модерното живеење, а форумот ќе опфати повеќе теми како што се: геополитичката и меѓународната безбедност, светската економија, климатските промени, технологијата, како и граѓаните и општеството.

За разлика од претходните години кога беше впечатливо присуството на претставници од Македонија, овој пат, според официјалната агенда, единствено ќе учествува поранешниот вицепремиер и шеф на дипломатијата, а сега претседател и ко-основач на Балкански центар за конструктивни политики „Солуција“ Никола Димитров.

Според организаторите, ова се должи и на фактот што Македонија е во предизборен период.

Економскиот форум, како и секоја година, така и сега е под покровителство на претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, која денеска напладне и свечено ќе го отвори, а свои обраќања на отворањето ќе имаат и претседателите на Словенија Наташа Пирц Мусар, на Црна Гора Јаков Милатовиќ, како и на Украина, Володимир Зеленски, кој ќе учествува онлајн.

Претседателот и потпретседателот на Делфи форумот, Симеон Цомокос и Јанис Томатис на прес конференцијата во Атина минатата седмица ги презентираа централните теми на кои ќе се фокусираат дискусиите и истакнаа дека и оваа година, ќе постои дел посветен на Балканот.

Делфи економскиот форум е независна, непрофитна организација со меѓународен карактер, каде секоја година се среќаваат престижни личности од економијата, политиката и академската заедница, а целта е да се прикаже реална рамка на цели и активности, да се бараат политики за справување со глобалните предизвици и да се најдат соодветни решенија за сложените прашања, како и да се промовираат иновативни идеи за одржлив и конкурентен раст за Европа и поширокиот регион на Источен Медитеран.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.