Тунелот Логaра, еден од најголемите јавни проекти во Албанија, во јужниот дел од државата, што ги поврзува приморските градови Валона и Саранда, денеска е пуштен за сообраќај.
Се наоѓа на околу 20 километри јужно од Валона, во должина е од 5,9 километри, во чија изградба вложени се 139,6 милиони евра, а кој според албански медиуми, има директно влијание врз целата албанска економија.
Главниот тунел е широк 7,70 метри и висок 4,70 метри, со тротоари од двете страни широки по 1,17 метри, и е опремен со вентилација, дренажен систем и систем против пожар и чад.
Тунелот е поврзан и со новиот пат Орикум-Дукат, што овозможува инфраструктурата кон југот на земјата да го скрати растојанието во очекување на рекордни бројки од туризмот годинава. Отворањето на тунелот првично ќе биде етапно за патнички моторни возила и автобуси, а не за тешки товарни возила, објавија медиумите.
Додаваат дека церемонијата на свеченото пуштање била празнична, исполнета со песни и со ора.
Тунелот Логара, едно од историските дела што засекогаш ќе го промени патувањето кон југот, напиша премиерот Еди Рама во објава на Фејсбук.
Вицепремиерката и министерка за енергетика и инфраструктура, Белинда Балуку, во емисија на „Топ чанел“, ноќеска објасни дека годинава минувањето преку тунелот ќе биде бесплатно, но во наредните години ќе чини околу 5 евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.