На протестот против новите биометриски лични карти, што се одржа во центарот на Атина, приведени се 32 лица.

Со слоганот „нема дигитално електронско ропство, нема идентификација на лицето“, неколку стотици граѓани се собраа на плоштадот Синтагма, по што следеше прошетка низ улиците на Атина. Демонстрантите држеа икони, Новиот завет, знамиња, транспаренти и крстови, пренесува „Прототема“.

Средбата беше организирана со онлајн покани од луѓе кои сметаат дека новите лични карти имаат „чип“ за следење на граѓаните.

Новите лични карти во Грција, кои треба да бидат издадени во септември, ги поттикнаа теориите на заговор на социјалните мрежи при што многу луѓе веруваат дека ќе имаат чип што ќе го лоцира сопственикот во секое време.

И покрај гаранциите на владата дека новите лични карти нема да имаат систем за локација, скептиците ја гледаат магнетната лента на новите картички како уште еден обид на властите да ги контролираат преку технологија.

Министерот за заштита на граѓаните, Јанис Оиконому ги окарактеризира личните карти како „средство за прилагодување на Грција на современиот свет за да можеме безбедно да патуваме и да бидеме компатибилни со нашите обврски во ЕУ“.

Немаат ништо туѓо, антихристијанско или демонско. Оние коишто ги трујат умовите на луѓето треба да знаат дека светот поминал низ просветлување, нагласи Оиконому.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.