Фабриката за тутун Сараево (ФДС), која работи над 140 години, на последниот ден од март ќе престане со производство, врз основа на одлуката донесена од Надзорниот одбор, со што се стави точка на мрачниот процес на приватизација на оваа компанија, потврдија од синдикатот на тутунската индустрија во БиХ.

Претседателот на синдикатот, Мехмед Авдугиќ, денеска потврди дека работниците од ФДС го информирале дека Надзорниот одбор уште во јануари одлучил да ја ликвидира фабриката, а одлуката ќе стапи на сила на 31 март.

За Авдугиќ одлуката е разочарувачка, истакнувајќи дека никој не одговори на бројните предупредувања дека од 2016 година ФДС се урива, кога со сомнителна приватизација компанијата „Адриатик инвестментс” од Виена, која соработувала со „Бритиш- Американ Тобако” (БАТ), го купиле од Владата на Федерацијата на БиХ контролниот удел од 40 проценти од акциите по цена малку повисока од 20 милиони евра.

Потоа, од ФДС е формирана нова компанија под името „Бадеко Адрија”, а следеле и купувања на акциите во сопственост на малите акционери и серија сложени трансакции што доведоа до колапс на производството. Продадени се највредните брендови на цигари, како што се легендарната сараевска „Дрина” или поновата „Аура”, а некои од овие цигари сега се произведуваат и пакуваат во Ровињ.

Работниците навремено предупредуваа, испраќаа писма до претставниците на меѓународната заедница, финансиската полиција, владата на ФБиХ, нема на кого не му пратија, но за жал немаа доволно сила да се борат против оние кои сакаа да ја уништат фабриката, изјави Авдугиќ за N1 Телевизија, тврдејќи дека само продадените брендови вредеа најмалку 40 милиони евра.

Вкупната годишна вредност на пазарот на тутун во БиХ тој ја процени на повеќе од 500 милиони евра.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.