Министерката за одбрана, Славјанка Петровска преку својот фејсбук-профил ги осуди инцидентите на северот од Косово, каде во раните утрински часови беше убиен припадник на косовската полиција.

-Силна осуда за инцидентот кој се случи денес во Косово и за сите оние кои допринеле за тој да се случи. Од современите политички лидери се очекува да донесат мир и просперитет, а не поделби и конфликти. Целосна поддршка за КФОР и сите нивни идни активности кои се во насока на гарантирање на мирот и стабилноста во регионот, напиша Петровска на објавата на Фејсбук.

Претходно, првиот вицепремиер Артан Груби и министерот за надворешни работи Бујар Oсмани го осудија убиството на припадник на полицијата на северот од Косово и изразија сочувство до семејството на загинатиот и апел за брзо пронаоѓање на сторителите и стабилизирање на ситуацијата.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел изјави дека е неопходно да се утврдат сите факти за нападот на влезот во селото Бањска во општина Лепосавиќ и дека одговорните за него мора да бидат изведени пред лицето на правдата, јави дописникот на МИА од Белград.

Косовската полиција го потврди убиството на тројца напаѓачи во северно Косово, како и апсењето на еден припадник на групата и на уште четворица осомничени кај кои се пронајдени апарати за радио-врски, јави дописникот на МИА од Приштина.

Од полицијата, како што пренесуваат косовските медиуми, информираат и за откривање на значително количество оружје, муниција и разновидна опрема.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.