Унијата сака договор помеѓу двете земји да се случи до крајот на месецот, и затоа напорно работат за разјаснување и зајакнување на европската перспектива на Македонија, рече денеска на заедничката прес-конференција Оливер Вархеји.
Се надевам дека со сите овие разговори кои ги правам овде толку често но и во Скопје, конечно ќе добиеме решение и конечно ќе ја дадеме европската перспектива, не само јасна туку и зајакната за Македонија. Веќе месецот е јуни, датумот за европскиот совет во јуни барем за нас е од огромна важност, изјави Оливер Вархеји.
Бугарскиот премиер Кирил Петков пак повтори дека Бугарија има три барања за земјава пред да даде зелено светло, а тие како што кажа се почитувањето на позицијата на бугарскиот парламент, вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав и спроведување на договорот за добрососедство.
Сакам да појаснам дека Бугарија има три јасни барања по прашањето на Mакедонија. Почитување на рамковната позиција што ја усвои бугарскиот Парламент, вклучување на Бугарите во Уставот на Македонија за да се заштитат нивните права, и трето, да се спроведе Договорот за добрососедство. Кратко и јасно, вели Кирил Петков.
Петков во интервју за бугарската БТВ за прв пат сподели детали од разговорите помеѓу двете земји, а не спомна три, туку еден услов за оддржување на првата меѓувладина конференција, односно вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав, а како гарант да биде Европската Унија.
Уште не е договорено, но во фаза на разговори сме Бугарите да бидат внесени во Уставот пред првата меѓувладина конференција, но тоа да биде гарантирано од Европа.
Бугарскиот премиер Кирил Петков неформално признал дека постоел фашизам во Бугарија во Втората светска војна на настан на 18 јануари годинава во клубот на пратениците наменет само за бугарските новинари, не би се определил за терминот „бугарски фашисти“, пишува Канал5. Тој индиректно потврди и дека постои македонско малцинство во Бугарија.
Во одредени делови од историјата има негативни историски факти кои не можат да се игнорираат, но од друга страна, кога се зборува за тоа, ние треба да зборуваме за фашистички режим, ако постоел таков, но не треба да зборуваме за бугарски фашисти, зошто комбинацијата меѓу двете има голема разлика, вели Кирил Петков.
Во едно друго тв-гостување годинава, новинарка го праша Петков како поминала средбата со македонскиот претседател Пендаровски и дали зборувале за фактот што Пендаровски се сретна со Македонците од ОМО Илинден.
Јас би сакала да видам во еден учебник во кој не пишува дека сме Татари, Монголи, фашисти, окупатори – му вели новинарката на Петков во интервјуто.
Можете неа (Генчовска) да ја прашате – одговори Петков, алудирајќи на министерката за надворешни работи.
Ако еден учебник се смени заедно со Уставот, работите ќе бидат многу различни – му предлага новинарката.
Притисокот врз Софија и Скопје се зголемува пред самитот на ЕУ месецов. Во сабота германскиот канцелар Олаф Шолц ќе го посети Скопје, а потоа и Софија во обид да се поместат работите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.