На вонреден состанок на бугарската влада ќе се разговара за разрешување на министерот за одбрана Стефан Јанев. Се очекува оставката на Јанев да биде изгласана на вонредна седница на Националното собрание во вторник. Ова го соопшти бугарскиот премиер Кирил Петков во вонредна изјава на Советот на министри, јави дописникот на МИА од Софија.

Бугарскиот премиер изјави дека ниту еден министер нема право на своја политика, особено на Фејсбук, посочувајќи го неговото несогласување со ставот на Јанев да не го користи зборот „војна“ за руските напади врз Украина.

Разрешувањето следува откако Јанев на социјалната мрежа Фејсбук, коментирајќи ја инвазијата на Русија над Украина, напишал дека на 200 километри од Бугарија се одвива „операција“. Тоа не било во склад со проевроспката политика на Бугарија.

Стефан Јанев доцна синоќа преку објава на Фејсбук напиша дека ќе биде сменет од функцијата: „Не очекувајте да поднесам оставка во оваа геополитичка ситуација, моите обврски како министер за одбрана не го наложуваат тоа. Доколку оставката е само прашање на процедура, сметам на коалициските „партнери“ и на политичката сила што наводно ме поддржувала, да ги придвижат работите по соодветниот ред“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.