Косовската владејачка партија, Движење Самоопределување (ВВ) му порача на српскиот претседател Александар Вучиќ дека, „ако фашистичките групи лоцирани во Србија се обидат нешто против Косово, ќе го добијат истиот одговор како и пред два месеци, на 24 септември“, кога беа убиени тројца од групата српски напаѓачи врз косовската полиција во Бањска во северно Косово.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, во видеото објавено на нејзината страница на Фејсбук, партијата на чие чело е премиерот Албин Курти ги пренесува изјавите на Вучиќ дека нема да ги спроведе договорите со Приштина постигнати во Брисел и во Охрид и оценува дека тоа го претставува пристапот на Белград кон дијалогот.

Самоопределување додава дека не воведувањето санкции против Србија за „агресивниот напад врз Косово во Бањска“ на 24 септември, кога беше убиен косовски полицаец, укажува на следниот чекор на Србија.

Во видеото се оценува и дека Србија не е заинтересирана за нормализација на односите меѓу двете држави, бидејќи „не прифаќа еднаков третман со Косово“.

ВВ наведува дека Србија на 28 февруари годинава во Брисел изјави оти се согласува со договорот, но дека „побегна од потпишување“, а на истиот начин постапи и во мај на средбата на Курти и Вучиќ во Охрид.

– И покрај договорот, Србија им наредува на српските партии и граѓани да не учествуваат на изборите во северните општини на Косово, што е прекршување на договорот, се истакнува во видеото на ВВ.

Во него се посочува и дека договорот е прекршен со српското лобирање и гласање против зачленувањето на Косово во Советот на Европа.

– Со терористичкиот напад организиран, финансиран и поддржан од Србија на 24 септември 2023 година, се прави обид за анексија на северниот дел на Косово, што освен директно кршење на договорот, претставува и агресија врз Косово, велат од партијата на Курти.

Србија, се вели во видеото, исто така одби да ги потпише договорите на средбата во Брисел со лидерите на Франција, Германија и Италија на 26 октомври годинава.

– Очигледно е дека Србија не сака договор, бидејќи не е заинтересирана за нормализација со Косово. Затоа таа постојано бега од секаков потпис, се наведува на крајот од видеото на ВВ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.