Косовската претседателка, Вјоса Османи, оценува дека Србија се труди да го одолговлече процесот на дијалог меѓу двете држави, со цел да го претстави статусот на Косово како „незавршен процес“.

Во нејзиното обраќање пред новинарите по повод првата годишнина од стапувањето на должност на чело на државата, Османи порача дека косовските институции се подготвени за дијалог со Србија за нормализирање на односите меѓу двете држави, „секогаш кога ќе бидат повикани од Европската Унија“, која посредува во преговорите.

Косовските институции ја информираа ЕУ дека се подготвени да учествуваат во дијалогот, секогаш кога ќе бидат повикани од ЕУ. Откажувањето на дијалогот никогаш не било поради неприсуство на делегација од Косово. Јас можам да ја гарантирам волјата на Косово за ангажирање во меѓусебното признавање, но не можам да гарантирам како ќе се однесува Србија. Нивните однесувања покажуваат дека нивна цел е процесот на дијалог да се развлекува – изјави Османи.

Според косовската претседателка, „доколку се слушаа заканите од Србија, Косово никогаш немаше да се прогласи за независна и суверена држава“.

Меѓутоа, Косово не ќе можат да го урнат никогаш, бидејќи тој процес веќе е завршен – порача Османи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.