Претседателката на Косово, Вјоса Османи изјави дека припадниците на Безбедносните сили на Косово (ФСК) и на косовската полиција, кои денеска парадираат во центарот на главниот град, се сили на мирот и во одбрана на мирот, но тие секогаш ќе бидат во одбрана на секоја педа на косовската земја, јави дописникот на МИА од Приштина.
Османи во својот говор пред парадата на ФСК и косовската полиција на 25-годишнината од ослободувањето на Косово ја спомена жртвата и борбата на Ослободителната војска на Косово (ОВК), предводена од легендарниот командант Адем Јашари.
Таа рече дека храброста на ОВК е приказна за херојство што ќе се раскажува од колено на колено.
– Нивната жртва беше бескрајна, нивниот дух нескршлив. Им должиме благодарност која никогаш не може да биде доволна, но мора да се памети засекогаш. Тие го продолжија патот започнат претходно од мирниот отпор предводен од историскиот претседател, д-р Ибрахим Ругова, а потоа и вооружената борба на ОВК предводена од легендарниот командант Адем Јашари и целото семејство Јашари, рече Османи.
Таа нагласи дека ова патување до слободата беше поддржано од меѓународните сојузници предводени од Соединетите Американски Држави.
– На 12 јуни борците на ОВК и војниците на НАТО ја претворија нашата болка и солзи во надеж. Денес ги славиме и врските на пријателството. 25 години подоцна ја градиме архитектурата на националната безбедност и тоа го правиме за да го заземеме нашето место во НАТО алијансата… Косово е независно, вечното наследство на нашите херои и маченици, најдобро се гледа од храбрите мажи и жени кои денеска маршираат на парадата на ФСК и на косовската полиција кои се заколнаа дека ќе ја бранат татковината. Овие сили што маршираат се сили на мирот, во одбрана на мирот, но тие ќе бидат денес и засекогаш во одбрана на слободата извојувана со крв, денес и засекогаш и по секоја цена во одбрана на секоја педа на косовската земја, рече Османи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.