Од воведувањето на еврото на 1 јануари годинава, во Хрватска е запленето значително количество лажни банкноти од европската валута, а имало и обиди да се плати со т.н. „филмски банкноти“. Ова, за хрватскиот „РТЛ Данас“ го обелоденува Томислав Ковачевиќ, полициски службеник за односи со јавноста во Полициската управа на Брод-Посавина. Тој појаснува дека и претходно имало фалсификувани банкноти, но не во толкав број.

Според информациите на РТЛ, само годинава, во Хрватската народна банка биле откриени речиси 300 лажни банкноти од еврото, најмногу во апоени од 50 евра – речиси 200. Оттаму велат дека измамниците се заинтересирани и за банкноти од 20 и 100 евра, а нешто помалку за тие од 10, 500 и 200.

Ваквите бројки значат дека за неполни два месеца биле откриени повеќе фалсификувани банкноти на евра отколку во текот на цела минатата година кога биле запленети вкупно 260, додека во 2021 година биле 228.

Големиот пораст на фалсификуваните евро банкноти го забележале најмногу рестораните, па скенерите и хемикалиите за откривање станаа задолжителен дел од опремата за кафеаните. Оние кои ќе бидат фатени од полицијата со лажни банкноти се соочуваат со затворска казна до 10 години, вели медиумот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.