Радост и детски џагор ги исполнија училниците кога учениците добија 40 печатени изданија од „Светот на Биби“ на македонски јазик.

„Најубаво се чувствувам кога читам песнички на македонски јазик“, искрено и со насмевка на лицето ни призна осумгодишната Марија Сотири, ученичка во мешовитото училиште „Митре Колевски и Трајан Ѓорѓиоски“ во Пустец, последниот бастион во изучувањето на македонскиот јазик во Албанија. Таа на чист македонски јазик, со солиден акцент, ни ја прочита песничката за тажното славејче кое солзи лее, ни лета по гранчиња ни песна пее. Сотири е една од седумдесетте ученици во ова школо, каде што 60 проценти од наставата се изведува на македонски јазик. Некогаш броело дури 700 основци и средношколци, а сега за 90 проценти помалку. Намалениот број на ученици стигна до загрижувачки размери – од деветте села што ги опфаќа општината Пустец, има само пет првачиња.

„Лесно ми е да читам на македонски јазик. Читам и дома и на училиште. Дома го читам текстот што сме го обработувале на школо дури десет пати. Лесно е. Од книгите најмногу сакам да читам песни и приказни“, ни рече третоодделенката Сотири.

Екипата на Факултети.мк пријатно ги изненади учениците. Им дониравме 40 книги, сликовници, буквари и други печатени изданија од „Светот на Биби“ на македонски јазик. Дечињата ги примија со голема радост. Училниците се исполнија со возбуда и детски џагор.

„Кој сака книга за фудбалот“, праша директорот Трајан Вангеловски. За миг околу него се создаде цел фудбалски тим од ученици. Но, имаше и такви што одбраа да читаат за вселената и другите доживувања на Биби. Еден од учениците кажа дека неговиот брат е прваче и дека ќе го однесе букварот дома за да го израдува. Убаво беше да се слушаат децата како викаат „јас, јас“ кога директорот и наставниците прашуваа кој сака да чита за одредена тема. Кога се знае дека тој натпревар да се земе книга на македонски јазик в раце се случува во друга држава, чувството е уште поубаво. Задоволство беше да се гледаат учениците како се подаваат да земат книга, а не мобилен телефон.

Сакаат да учат на македонски јазик. Сите предмети до петто одделение се на македонски јазик, освен албанскиот кој се учи како предмет пет часа неделно. На мајчин јазик учиме македонски, математика, природо, општество, ликовно, физичко, музичко образование. Лесно им е на учениците, се трудат литературно да го зборуваат – рече Анила Вангеловска од Пустец, одделенска наставничка која завршила Педагошки факултет во Корча, Албанија.

Целиот текст на Факултети.мк



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.