На 36-години, Дритан Абазовиќ, за еден ден, успеа да внесе многу новитети на црногорската политичка сцена. Сепак нема да стане најмлад премиер на Црна Гора. Таа позиција засега цврсто ја држи Мило Ѓукановиќ, актуелен претседател кој стана црногорски премиер на 29-годишна возраст сега веќе далечната 1991-ва година, при распадот на Југославија.

Кога Ѓукановиќ станал премиер, младиот Дритан имал само 5 години. Сега се заедно во врвната лидерска двојка во Црна Гора. Абазовиќ е проевропски настроен политичар и сака во таа област да и донесе предност на Црна Гора пред останатите држави од регионот и од поранешна Југославија кои и покрај се, верно чекаат на позитивен одговор од Брисел.

Владата на Црна Гора е подготвена да ги постигне очекуваните резултати и ќе биде искрено посветена да стане следна држава-членка на ЕУ, преку Твитер одговори Абазовиќ на честитките од евро-комесарот за проширување Вархеи.

Нови меѓници на црногорската политика со Абазовиќ

Околу, новитетите, Абазовиќ станува прв премиер кој е партиски лидер на друга партија од онаа на Мило Ѓукановиќ односно е прв премиер кој воопшто не е член или е поврзан со црногорската Демократска партија на социјалисти (партијата на Ѓукановиќ) која речиси три децении владееше со најмалата држава излезена од Југославија.

Абазовиќ станува претседател на влада кој по етничка припадност е Албанец (прв што не е Црногорец или Србин), потоа е прв премиер кој доаѓа од граѓанска, а не од национална партија, а е единствен политички профилиран министер кој беше и во претходната влада составена по победата на партиите кои се бореа против деценискиот црногорски лидер Ѓукановиќ.

Абазовиќ е лидер на партијата УРА односно на Обединетата реформска акција. Оваа партија има тројца пратеници во 81-члениот црногорски пшарламент, но во новата влада ќе имаат министер повеќе, односно премиер и три министерски места.

Дритан Абазовиќ ќе ја води и досега најголемата влада во Подгорица, ќе има вкупно 21 член, 18 министерства и двајца министри без ресор. Толку министри има и сегашниот состав на кабинетот на македонскиот премиер Димитар Ковачевски.

Актуелниот црногорски кабинет на Абазовиќ ќе биде за половина поголем од претходниот состав на владата кој броеше само 14 министри и во кој Абазовиќ беше потпретседател на владата задолжен за безбедносни прашања и интеграции. За да се задоволи апетитот на сите партии, во сите министерства се воведени и по тројца државни секретари (досега беа два, а нивната улога е замена на отсутниот или болен министер).

Монтенегро кабинет микс 

Кабинетот на Абазовиќ има вкупно 8 партии и коалиции, како и министри кои се непартиски личности. Во игра се враќаат и некои од долгогодишните соработници на ДПС, партијата на Ѓукановиќ.

Така министер за надворешни работи ќе биде Ранко Кривокапиќ од СДП (коалиционен партнер на Ѓукановиќ до последните избори во 2020-тата) кој министерски функции вршеше и во кабинети предводени од самиот Ѓукановиќ, но беше и претседател на парламентот. СДП има двајца пратеници и ќе има и двајца министри.

СНП или Социјалистичка Народна Партија пак ќе има најмногу министри, вкупно 5, а во парламентот во Подгорица има исто толку пратеници. На последните избори, СНП беше дел од таканаречената про-црковна коалиција чиј фронтмен беше доскорешниот премиер Здравко Кривокапиќ.

Две министерски места има бошњачката партија, а трет малцински министер доаѓа од редовите на Албанската листа. Останатите партии присутни во владата имаат по еден министер.

На гласањето во парламентот во Подгорица имаше 48 присутни пратеници, од кои 45 гласаа за новата влада. Тројца од партијата СД (Социјал демократи) гласаа против.

Прашањето е како Дритан, најмалиот коалиционен партнер во минатата влада успеа да стигне до мнозинство кога се гледа дека партиите во неговиот кабинет имаат не повеќе од „шака“ пратеници. Едноставно зад нив како малцинска влада застана токму ДПС (главен двигател на победата на не-Ѓукановиќ партиите на последните избори во 2020-тата). ДПС не доби и не бараше министерско место.

Од друга страна две големи политички групации, Демократски фронт со 20 пратеници (просрпски блок) и Демократи со 9 пратеници (проевропски блок) воопшто не гласаа и ги обвинија и Абазовиќ и новокомпонираното владино друштво за поништување на изборната волја на граѓаните во 2020-тата и обид за враќање на власта во рацете на Ѓукановиќ.

„Владата ќе трае колку ќе дозволат политичките прилики“

Протести веќе има. А Абазовиќ кој се покажа и како привлечен на проевропската граѓанска популација во Црна Гора, но и како снаодлив политичар кој успеа да „скроти“ различни партии и раскарани политичари за да ги смести под свое водство. До кога, прашање е кое го мачи, но и го радува младиот политичар од Улцињ.

Како ја сменивме претходната, се надевам дека во многу подобра атмосфера ќе ја смениме и оваа 43-та црногорска влада. Претходната експертска влада имаше некои резултати, но покажа и слабости особено во односот кон Парламентот, си ја предвиде судбината како секој демократски политичар кој знае дека ќе биде биран, но и менуван, во своето завршно обраќање пред гласањето во парламентот во Подгорица.

Неколку минути подоцна се заколна и потпиша дека ќе биде премиер на Црна Гора, со што неколкумесечната политичка агонија во Подгорица заврши за да почне нова епизода. Затоа што незадоволните најавуваат протести.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.