За Бугарската социјалистичка партија (БСП) предвремени парламентарни избори би значеле поголем хаос и продлабочување на кризите, како и немање функционално Народно собрание кое би носело одлуки, порача лидерката на БСП, Корнелија Нинова, која е еден од четирите коалициски партнери во бугарската влада откако Слави Трифонов од Има таков народ (ИТН) објави дека ја напушта владата.

Според Нинова, избори би значеле неизвесност и тоа Бугарија не може да си го дозволи сега.

Ние сме одговорни за учеството во оваа влада и знаеме како да одиме напред. Силно ја поддржуваме политиката на премиерот Кирил Петков и негова партија Продолжуваме со промените што се однесува на борбата против корупцијата и моделот кој беше воспоставен од ГЕРБ (претходната владејачка партија на Бојко Борисов). Децидни сме дека ќе продолжиме на овој начин – рече Нинова.

Лидерката на БСП најави дека вечерва ќе состанок на лидерскиот совет на актуелната владејачка коалиција и ќе се расправа и за малцинска влада, опција којашто претходно ја најави и премиерот Кирил Петков.

Ние ги исполнуваме нашите обврски од коалицискиот договор. Она што не обединува и покрај разликите што ги имаме е токму договорот. Придржувањето до него може да ни ја гарантира стабилноста. Избори сега сметаме дека се нелогични, штетни и неразумни – вели Нинова.

На прес-конференцијата таа зборуваше и за прашањето за Република Македонија за што порача дека БСП нема да се согласи да го укине ветото додека Македонија не ги исполни условите од договорот.

Токму прашањето за Македонија, беше една од двете причини поради кои досегашниот коалициски партнер од ИТН, Слави Трифонов, денеска соопшти дека ја напушта владата.

Премиерот им ветил на различни лидери во Европа и светот дека ќе го крене ветото на Република Македонија и прави сè што е можно за тоа да се случи, иако голем дел од бугарските граѓани очекуваат РМ да го исполни договорот меѓу двете земји. Кирил Петков грубо, безмилосно и еднострано не го почитуваше потпишаниот коалициски договор. Македонија е важен дел од нашата историја и душа и никој нема право да носи еднострани одлуки против волјата на бугарскиот народ. Ова се нарекува национално предавство, рече Трифонов во видеообраќањето во кое објави дека излегува од коалицијата.

Другата причина, пак, како што кажа е немањето пари во државата.

Во досегашната влада учествуваа ИТН, БСП, Продолжуваме со промените и Демократска Бугарија.

Трифонов во парламентот имаше 25 пратеници, а без нив трите преостанати партии во владата на Кирил Петков имаат вкупно 109 пратеници. За мнозинство се неопходни 121 глас во 240-членото Народно собрание.

Од опозициските партии, ГЕРБ на Бојко Борисов има 59 пратеници, ДПС е со 34 мандати, а Преродба има 13 пратеници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.