Во пресрет на туристичката сезона во Хрватска повторно се гласни старите поплаки. Се проценува дека и летово ќе недостасуваат околу 35.000 келнери, готвачи, собари, рецепционери… Ваквата вест доаѓа со извесно изненадување, иако не треба да има изненадувања – ова е хроничен хрватски проблем, пишува „Дојче Веле“ (ДВ).

Нема енигма: Хрватите во екот на работниот век масовно одат на Запад, каде што работат за повеќе пари. Но овојпат, повеќе нема работна сила во посиромашниот хрватски регион Славонија за да се пресели на Јадранот на лето, но ја нема доволно ни во БиХ, Србија, Македонија.

Кадровскиот базен во непосредното соседство е исцрпен, па се повеќе и повеќе луѓе посегнуваат кон Азија, како што досега беше во градежниот сектор. Така, популарни се работниците од Непал, Филипини, Индија…

Секогаш истото чудење

Со години залудно предупредував за овој проблем во туризмот. Но, нашиот пристап е спонтан, а чудењето е исто секој пат, иако проблемот е ист. Всушност, ние сме тие кои сме толку изненадени – за ДВ вели Дамир Крешиќ, директор на Институтот за туризам во Загреб.

Можното решение Крешиќ го гледа во сериозен зафат на државата, работодавачите и синдикатите – да изработат нова стратегија за целото стопанство, за да види колку работници и се потребни на професијата од земјава.

Тој вели дека такво нешто е неопходно затоа што, како што вели, увозот на сезонска работна сила од Азија покажува недостатоци.

Се покажува дека не се добро решение за нашите угостители, но сега немаме многу избори, барем не за оваа и следната сезона – вели Крешиќ.

Тој истакнува дека нема ништо против луѓето од друг континент.

Тие можат да бидат повредни или почесни работници од нас, нема правила. Проблемот е услужната индустрија во која хрватскиот работник овде секогаш нуди подобро автентично искуство во домаќинството – вели Крешиќ.

Иднината не се гради со увоз

Во исто време, Хрватска својата иднина би можела да ја види во непосредното соседство. На пример, Владимир Благојевиќ, портпарол на Стопанската комора на Република Српска, вели дека во моментот нема гранка на која не и недостасува работна сила.

Многумина се привлечени од гравитациската сила на хрватскиот туристички пазар. Така, од Требиње, град со околу 30.000 жители, две илјади луѓе летаат на работа во блискиот Дубровник – вели Благојевиќ.

Ваквиот проблем на хрватскиот сосед не се гледаше од Хрватска, се додека и хрватскиот пазар не почна дфа страда поради истата мака.

Иднината не се гради на увоз на работна сила, без домашни работници нема одржлив развој. Со години се предупредува за проблемот со ниските плати во туризмот, како и многу лошите услови за работа. Но, завладеа мантрата – ако ти не сакаш, има такви што ќе сакаат. Сега тоа ни се врати како бумеранг. Границите се отворија, а балонот пукна. Сега сите се зачудени – изјави Горан Рихељ, уредник на туристичкиот портал „ХрТуризам“.

Рихељ вели дека Хрватска стратешки не преземала толку длабок пристап колку што е потребно.

Како може постојан сезонски работник да ја планира иднината, семејството, да купи стан, автомобил? Како може некој да работи седум дена во неделата, без слободен ден, а зборуваме за туризам каде услугата е императив? – прашува Рихељ.

Според овој новинар, нивото на услуга нужно паѓа кога работниците не се обучени и немаат искуство.

Како потоа да се оправда цената на сместувањето со лоша услуга и перформанси? – прашува Рихељ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.