Косовската полиција уапсила три лица од српска националност, кои се осомничени за воени злосторства против цивилното население за време на војната во Косово во 1998-99 година.

Во соопштението на Специјалното обвинителство на Косово се наведува дека на тројцата уапсени им е одреден притвор од 48 часа.

Тројцата уапсени се обвинети за кривичното дело „Воени злосторства против цивилното население“, дејствија кои се санкционирани според членовите 142 и 22 од Кривичниот законик на РСФЈ, актуелно казниво според Кривичниот законик на Косово, според локалните закони, воените обичаи и Женевските меѓународни конвенции и дополнителните протоколи, се наведува во соопштението.

Официјален Белград реагира преку Канцеларијата за Косово, која функционира во рамките на Владата на Србија, а која соопшти дека уапсениот во Звечан, Д.М., е поранешен полицаец, додека за уапсениот И.Е. се наведува дека е во тешка здравствена состојба.

Тие се испратени во непознат правец јужно од (реката) Ибар. Канцеларијата за Косово веднаш обезбеди адвокати за уапсените Срби, кои се обидуваат да откријат каде се испратени, бидејќи нивните семејства немаат детални информации за нивните најблиски“, се вели во соопштението од Белград.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.