Поранешниот косовски премиер, Иса Мустафа смета дека Косово, предводено од актуелниот претседател на Владата, Албин Курти, „треба да го смени односот кон самото себе, па дури потоа да очекува другите да го сменат односот кон него“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Мустафа вели дека е скептичен оти писмото кое неколку десетици западноевропски политичари деновиве го упатија до САД, Европската унија и Велика Британија, со барање за заострување на односот кон српскиот претседател Александар Вучиќ во врска со неговото однесување кон Косово, ќе го смени ставот на меѓународната заедница кон владата на Курти.

Како што пренесоа деновиве косовските медиуми, писмото до шефовите на дипломатиите на САД, ЕУ и Велика Британија, со барање за запазување и јакнење на врските со Косово, го потпишале десетмина претседатели на комисии за надворешна политика и повеќе од 50 пратеници во парламентите во Западна Европа.

Поранешниот косовски премиер вели дека до промена на лошо во односот на сојузниците кон Косово дошло поради погрешните политики на Владата на Курти и на претседателката на Косово, Вјоса Османи.

 Косово треба да го смени односот кон самото себе, па дури потоа да очекува другите да го сменат односот кон него. Ова раководство предизвика неговите грешки, игнорирањето на меѓународните партнери и популизмот да се забележат и да се осудат повеќе одошто воинствените, дестабилизирачки и деструктивни политики на Србија. А, Србија е таа што заслужува да се санкционира, изјави Мустафа за порталот „Газета блиц“.

Според поранешниот лидер на сега опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), на Косово ќе му треба многу време за да ја врати изгубената доверба кај сојузниците, додека иднината на земјата ќе биде полоша од времето пред премиерот Курти и претседателката Османи да дојдат на власт.

– Се плашам дека на Косово ќе му треба многу време за да ја врати изгубената доверба кај САД и ЕУ. Оваа влада ќе ги прифати и ќе ги исполни сите американски и европски барања, но Косово ќе биде полошо одошто беше пред доаѓањето на власт на Албин и Вјоса, изјави Мустафа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.