Дојави за наводно поставени експлозивни направи во училиштата испратил малолетник државјанин на Чешка кој не е поврзан со Црна Гора, соопшти полициската управа на Црна Гора.

„Полициската управа ја информира јавноста, особено родителите на основците и средношколците, како и воспитувачите, кои беа директно погодени од лажните пријави за бомби во училиштата низ Црна Гора во последните два дена, дека успешно одговори на овој комплексен предизвик и овој пат, се наведува во соопштението.

УП им се заблагодари на меѓународните партнери кои преку размена на информации, обуки и соработка помогнаа да се постигнат вакви резултати, како и на чешката полиција и на амбасадата на Чешката Република во Црна Гора кои дејствуваа брзо и ефикасно.

Од УП потсетија дека во последните шест месеци имало десет лажни дојави за бомби во училиштата и другите институции и соопштија дека најголемиот дел од овие случаи се решени со идентификувани сторители или со форензички, односно оперативни податоци, преку кои може да се дојде до сторителите во следниот период.

Со загриженост укажуваме дека се работи пред сè за малолетници, а имало и случаи каде лицата биле помлади од 14 години. Сакаме да истакнеме дека овие и слични активности, употребата на еднократни мејлови, како и некои интернет страници за анонимизирање и камуфлирање на IP адреси се сè поприсутни, особено при извршување на кривични дела од областа на компјутерскиот криминал, но дека преку меѓународна соработка и достапни услуги за припадниците на безбедносните служби се доаѓа до конкретни податоци преку кои целосно или делумно се идентификуваат лицата кои сториле кривични дела или прекршоци“.

Додаваат дека овој проблем е уште поизразен во земјите од регионот, но и според последните известувања од Европол и во земјите од Европската Унија.

Полициската управа и другите агенти на безбедносниот сектор ги преземаат сите мерки и дејствија со цел откривање на сторителите на кривични дела и прекршоци, како на реален простор, така и на интернет“, велат од УП.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.