Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), по обелоденувањето на скандалот со давањето лажни потврди за бугарско потекло во Острени, Голо Брдо, од лица вработени во албански институции, бара „проширување на полициската акција и во други општини и региони во Албанија, каде што се одвиваат слични незаконски активности“.

Претседателот Васил Стерјовски, изнесувајќи го ставот на партијата за МИА потсетува дека во 2017 година, под закана со вето на Албанија на нејзиниот европски пат, Бугарија издејствува признавање на непостоечко бугарско малцинство, иако на ниту еден попис во Албанија, ниту еден граѓанин не е деклариран за Бугарин.

-Една од мерките за создавање на вештачко бугарско малцинство во Албанија, која Бугарија ја применува, користејќи јанеповолната економска состојба на македонското малцинство во Албанија но и на албанските граѓани заедно, е преку давањето на бугарски пасоши за сите албански граѓани. Македонците и Албанците плаќаат илјадници евра да можат да земат бугарски пасош и да одат да работат на Запад, користејќи ги привилегиите на земјите членки на ЕУ. Ова е бизнис вреден милиони евра, кој работи не само во Албанија, туку и во повеќе земји кои не се членки на Европската унија, како Македонија, Косово, Србија, Украина, Молдавија и други, вели Стерјовски за МИА.

Додава дека Бугарија пред две години, започнала акција во Албанија, каде на сите албански граѓани кои аплицирале за бугарски пасоши почнала да им бара потврди за бугарско потекло издадени од општините каде што живеат.

-Градоначалниците на општините, администраторите на административните единици дури и претседателите на месните заедници, иако немаа никаква ингеренција, за пари започнаа да издаваат вакви потврди. Јавна тајна е дека урнекот како да изгледат потврдите за бугарско потекло ги изготвуваше бугарската амбасада во Тирана, која преку посредниците на бугарските пасоши кој се албански граѓани и луѓе со власт, ги доставуваа до локалните власти за потпис. Уште на самиот почеток пред две години, како партија реагиравме кај албанските власти за овој незаконски и коруптивен феномен кој наголемо се спроведуваше во албанските општини, барајќи од надлежните институции да го спречат овој феномен преку кој Бугарија фиктивно се обидуваше да собери што повеќе вакви потврди се со цел за да прикажи дека во Албанија живеат Бугари, нагласува тој.

Според него, албанските институции не само што не ги спречиле вакви активности туку и ги верифицирале незаконските потврди, прво префектурите па после и министерството за Европа и надворешни работи со Апостил печат.

Стерјовски потсетува и на изјавата на тогашната министерката за Европа и надворешна работи на Албанија, Олта Џачка од 27 март 2023 година на средбата со македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи кога „уверуваше дека има информации за некои спорадични случаи кои ги разгледуваат и бројот на издадени вакви потврди не е голем“.

– „Имам информации за некои спорадични случаи кои ги разгледуваме, во тесна координација сме со институциите на Македонија за да видиме што се тие, кој се самоопределил или колку е голем овој процес, но според досегашните сознанија не е голем. Секоја информација која ќе ја имаме во реално време брзо ќе ја споделиме со колегите од Македонија, рече Џачка, вели Стерјовски.

Но, благодарение на албанската телевизија Топ Чанел се откри дека само општина Булќиза има издадено илјадници вакви потврди, за што МАЕИ изразува благодарсност за откриениот скандал.

Оценува дека доколку „целиот овој скандал не излезеше јавно на телевизија не веруваме дека албанските институции ќе превземеа некоја мерка да се спречаат овие незаконски и коруптивни активности“.

– Бараме надлежните органи да ја прошират истрагата не само за незаконското издавање на потврди за бугарско потекло туку и за влијанието што групата на посредници на бугарски пасоши го имаше за време на пописот на целата територија на Албанија, кои користејќи ја и моќта на власта имаа инсталирано и свои попишувачи и вршеа притисок, закани и поткуп врз албанските граѓани да се декларираат за Бугари, апелира Стерјовски.

– Пописот мина со многу проблеми и директно мешање на Бугарија. Македонска алијанса за европска интеграција пред пописот и за времето на пописот постојано посочуваше за притисокот од страна на посредувачите на бугарските пасоши, бугарската амбасада и ектремистичките групи од Бугарија кои како се покажа и од ова истражувачка сторија беа подржани и од локални албански фукнционери се со цел на пописот да извадат бројка на Бугари, кои во ниту еден досегашен попис ги немало, нагласува Стерјовски, пренесувајќи го ставот на партијата, чиј лидер е.

Деновве скандалот со потврдите за бугарско потекло го разоткрија новинарите на познатата истражувачка емисија Фикс фаре на Топ чанел, по што уапсени беа секретарот на општина Булќиза, Фитим Бала, администраторот на единицата Острени, Љуан Мјештри, кои беа веднаш разрешени од функциите, како и Арлин Лимани,раководител на секторот за социјални услуги во истата единица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.