Косовскиот премиер Албин Курти вели дека Европската Унија и Соединетите Американски Држави покажале дека се премногу попустливи кон Србија, на која треба да ѝ постават ултиматум за да воведе санкции кон Русија.
Во денешното интервју за „Фајненшл тајмс“, кое го пренесуваат медиумите во Приштина, Курти вели дека Белград треба да се усогласи со Западот во однос на Москва, за да му даде уверување на Косово дека е посветено на нормализација на односите.
„(Брисел и Вашингтон) мора да го променат својот пристап и да ѝ дадат временски рок на Србија … да воведе санкции кон Руската Федерација и да ги прекинат нејзините настојувања да седи на три или четири столици“, изјави Курти.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, одржува блиски односи со Кремљ и Пекинг и одбива да воведе санкции кон Русија, напоменува ФТ.
Веднаш штом Србија воведе санкции кон Руската Федерација, тоа ќе биде моментот кога ќе може да каже дека сака да се интегрира во ЕУ, а Србија без Русија не може да ја загрози безбедноста на континентот. Тогаш би можел да верувам дека тие во суштина сакаат мир, вели Курти.
Косовскиот премиер во интервјуто за ФТ одбива да каже дали косовската полиција ќе ги повлече специјалните единици од север, но инсистира на тоа дека поплаките на Србите за нивното присуство се намалуваат.
Тој признава дека „понекогаш има разлики“ со евро-американските сојузници „кога станува збор за стратегии, операции и тактики на теренот од една страна, и кога се во прашање односите со Србија“, но не и за вредностите и принципите.
Според него, „благите“ напори на Западот „се последица на големите надежи дека Србија што поскоро ќе се приклучи на западниот демократски табор“.
„Според мене, предолго чекавме за и натаму да се надеваме на такво нешто“, изјави Курти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.