Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека деескалацијата на состојбата во четирите општини во северно Косово веќе се случила и дека треба да се работи на спречување на евентуална нова ескалација, која, според него, може да се случи единствено доколку бидат организирани насилни протести од страна на официјален Белград, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното обраќање на седницата на Владата, Курти рече дека поминаа два месеци откако на косовскиот север е регистриран последниот инцидент и уште повеќе време од насилните протести во таа област населена со мнозинско српско население.

Деескалацијата во четирите северни општини практично веќе се случи, додека во меѓувреме Косово го почитува договорот од Братислава, рече Курти.

Курти ги информриа членовите на владиниот кабинет и за учеството на неформалната вечера на лидерите не Западен Балкан и Европската Унија, што во понеделникот се одржа во Атина, како и за неговите билатерални средби таму.

На заедничката вечера јас нагласив дека зачленувањето на Косово во ЕУ е без алтернатива, дека сите држави кои се аспирантки за членство во ЕУ треба да ја спроведуваат демократијата, владеењето на правото, почитувањето на човековите права и добрососедството и дека за демократско и европско добрососедство е неопходно меѓусебно де јуре и де факто признавање и почитување на малцинските права на симетричен начин и според европските конвенции, изјави Курти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.