Премиерот на Косово, Албин Курти денеска побара целосна имплементација на договорот Белград – Приштина за нормализација на односите, додека српската премиерка Ана Брнабиќ се заложи за имплементација на Бриселскиот договор и формирање на Заедницата на српски општини (ЗСО), јави БЕТА.
Високиот претставник на ЕУ (за надворешна и безбедносна политика) Жозеп Борел официјално го објави договорот на 18 март во Охрид. Тоа што беше договорено мора да се спроведе, целосно и веднаш. Нема делумно спроведување, нема одложувања, напиша Курти на Твитер.
Брнабиќ одговарајќи на твитот на Курти посочи дека за три дена, односно на 19 април ќе се навршат 10 години од потпишувањето на Бриселскиот договор, со кој се предвидува формирање на ЗСО.
Десет години чекаме Приштина да го направи своето, 10 години да се формира Заедницата на српските општини. Направете го тоа, објави Брнабиќ.
Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ на 27 февруари во Брисел ја договорија содржината на Договорот за патот кон нормализација на односите Косово-Србија, а на 18 март во Охрид постигнаа договор за Анексот за спроведување на тој документ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.