Неопходно е да продолжи дијалогот меѓу СПЦ и МПЦ за надминување на отвореното црковно прашање, порача епископот бачки Иринеј (Буловиќ).

Во интервју за српскиот неделник „Печат“ објавено на сајтот на Бачката епархија, епископот Иринеј, кој е духовен отец и еден од најблиските сoработници на српскиот патријарх Порфириј, вели дека актуелната општа состојба во Македонија и духовната потреба на верниците поттикнува и повикува на дијалог како единствено исправен начин за решавање на проблемот.

Тој посочува дека веќе нема, како што наведува, судско-полициско насилство врз Јован Вранишковски, првиот архиереј на автономната од СПЦ, ПОА, нејзините свештеници, монаси и верници. Сепак, забележува дека се уште не била спроведена одлуката на судот во Стразбур за регистрација на ПОА.

Сметам дека без оглед на овие негативни нуспојави, општата атмосфера кај нашите јужни соседи, а пред се неопходната духовна потреба овозможува продолжување на дијалогот меѓу нашата Црква и Црквата која е во раскол. И не само што го овозможува, туку нè охрабрува и не повикува на дијалог како единствен правилен и ефективен начин за надминување на овој повеќедецениски проблем. Единството на Црквата и нејзиниот канонски поредок се најголемиот Божји дар за нас и, истовремено, најважната задача и подвиг – вели епископот на СПЦ, Иринеј бачки.

Повикот за возобновување на дијалогот меѓу Српската и Македонската црква доаѓа по неодамнешниот прием на епископот антаниски и игумен на Бигорскиот манастир г. Партениј во придружба на монаси и монахињи кај вселенскиот патријарх Вартоломеј, што од претставници на Фанар беше оценето како голем чекор на Вселенската патријаршија за решавање на црковното прашање и признавање на МПЦ-ОА.

Приемот на епископот Партениј кај вселенскиот патријарх Вартоломеј следуваше по посетата на Атина каде што присуствуваше на вечерна служба и на Божествена Литургија во црквата „Св. Пантелејмон“, најголемиот храм во грчката престолнина, како и на Меѓународниот фестивал на православна црковна музика, со благослов на архиепископот на Атина и на цела Грција г.г. Јероним.

Српската православна црква, претходно преку викарот на патријархот Порфириј, епископот моравички Антониј, се закани дека е можен раскол со Вселенската патријаршија ако биде признаена автокефалноста на МПЦ-ОА.

СПЦ е во повеќедецениски спор со МПЦ-ОА, оспорувајќи ја нејзината афтокефалност. Разговорите што повремено се водат не доведоа до позитивен исход, поради што МПЦ-ОА за решавање на својот статус се обрати до Фанар и вселенскиот патријарх Вартоломеј.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.