Хрватски државјанин (27) и државјанка на Романија (28) се уапсени во Рим под сомнение дека од трговец со дијаманти во Монте Карло украле накит во вредност од 1,3 милиони евра.
Во истата акција, уапсени се и по еден Србин (41) и Италијанец (72), кои се осомничени дека имале улога во грабежот.
Според италијанските медиуми, планот бил развиен во јуни оваа година, кога продавачот на накит бил повикан од човек кој изразил желба да дејствува како посредник при купувањето дијаманти во име на странски купувачи.
По телефонскиот разговор меѓу нив, следеле бројни средби и вечери во Милано, на кои посредниците и купувачите – Хрват и Романка – разговарале за купување на накитот. Првиот обид за кражба се случил во хотел во Рим, но не бил успешен. Осомничените ја искористиле таа средба со продавачот за да ја добијат неговата доверба – според извор на локални медиуми.
Меѓутоа, еден месец подоцна, групата договорила уште една средба со продавачот на накит во луксузен хотел во Рим.
Хрватскиот државјанин на златарот му се претставил како муштерија од Русија, додека Романката тврдела дека е експерт за скапоцени камења и нејзината задача била да ја избере робата. Двајцата се договориле со продавачот да купат пет дијаманти за 1.346.000 евра. Додека „рускиот купувач“ стоел во барот, побарал од продавачот да ја придружува Романката до хотелската соба за да може да ја потврди автентичноста на дијамантите. Кога влегол во собата, продавачот го ставил накитот на креветот и жената избрала пет од шесте парчиња. Оние што ги избрала, ги ставила во кадифена кеса во боја на карамела и ја запечатила со селотејп лента, барајќи од продавачот да и донесе пенкало за да го запечати пакувањето – објаснува соговорникот на италијанските медиуми.
Романката тогаш го искористила невниманието на продавачот.
Вистинските дијаманти ги заменила со лажни и го повикала златарот да ги врати во сефот во собата. Потоа заедно се симнале во салата и му се придружиле на „рускиот муштерија“, кој во меѓувреме го напуштил хотелот за да донесе торба во која имало евра во апоени од по 200 евра. Тие му ги предале парите на продавачот и си заминале. Меѓутоа, златарот набрзо сфатил дека парите се лажни и веднаш влетал во собата за да провери што се случило со дијамантите. Тогаш сфатил дека се заменети со лажни – подвлекува изворот на италијанските медиуми.
Полицијата веднаш почнала потрага по осомничените и успеала да ги идентификува. Полицајци упаднале во нивниот стан, каде што нашле Србин и возрасен Италијанец.
Во станот се пронајдени скапи часовници, накит, како и материјал користен при измамата. Исто така, Србинот и Италијанецот имале лажни документи и фалсификувани печати. Се сомнева дека и тие имале одредена улога во грабежот, бидејќи биле во станот на уапсените. Се смета дека Србинот бил задолжен за создавање лажни документи – вели изворот на италијанскиот медиум.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.