Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер изјави дека нацрт-статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово, што евро-американските дипломати му го претставија на премиерот Албин Курти, мора целосно да го почитува Уставот на Косово, јавува дописникот на МИА од Приштина.
На денешната прес-конференција пред американската амбасада, Ховениер рече дека став на САД е дека Заедницата треба да биде во согласност со Уставот на Косово и дека Уставот не треба да се менува за да се направи простор за оваа асоцијација на општини.
-Не треба да се бараат уставни измени. Тоа мора да биде во согласност со одлуките на Уставниот суд и не треба да има извршни овластувања. Не треба да има дополнително ниво на моќ, рече Ховениер, додавајќи дека САД веруваат оти предложениот нацрт „ги исполнува сите овие критериуми“.
Амбасадорот нагласи дека Заедницата нема да има извршни овластувања и го цитира Курти, кој во Собранието на Косово рече дека една од точките на предлогот е дека тој во секој случај треба да биде испратен на оценка до Уставниот суд на Косово.
Ховениер рече дека времето кога нацрт-статутот за Здружението ќе биде објавен во јавноста ќе биде „соодветно“.
-Има време кога јавноста ќе биде информирана … Не треба да има извинување за дискретни и доверливи разговори на владата на Косово за многу чувствителна работа. Во соодветно време, сигурен сум дека јавноста ќе го има нацрт-статутот, тоа време ќе биде детерминирано од комбинација на владите и Мирослав Лајчак, рече Ховениер.
Тој оцени дека нема ништо тајно во процесот на изработка, „освен дипломатски преговори, сензибилни обврски од меѓународната заедница“.
Според Ховениер, нема причина Владата на Косово да не продолжи со овој предлог-статут.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.