Амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил, изјави дека денешна Русија е „поинаква“ од онаа во минатото, дека Европејците и Американците го разбираат тоа и оти се надева дека Србија ќе го разбере тоа и ќе воведе санкции против Москва поради инвазијата врз Украина.

Хил синоќа во програмата „Интервју“ на телевизијата „Инсајдер“ го отфрли тврдењето дека Србија е под „огромен притисок“ затоа што не вовела санкции кон Русија и додаде дека дел од нејзиниот пат кон ЕУ е и усогласувањето на надворешната политика.

Не верувам дека има огромен притисок врз Србија. На Србија неколкупати учтиво и беше кажано дека треба да воведе санкции, некои беа построги од другите, но постои разбирање дека Србија е во единствена ситуација, додаде Хил.

На прашањето зошто не е доволно што Владата на Србија јасно ја осуди руската агресија врз Украина и ги потпиша речиси сите резолуции на ОН и ЕУ кои се однесуваат на неа, Хил рече дека тоа е точно, но дека Белград добил репутација дека „се обидува да седне на две столчиња“ – да биде близок и со Русија и со Европа.

Зборувајќи за тоа дека Србија е речиси целосно зависна од Русија кога е во прашање снабдувањето со гас, Хил рече дека треба да се направат напори да се најдат други извори на енергенси.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.