Додека трагичниот биланс на загинати од ужасната несреќа во Грција расте, а вознемиреноста за заробените под возот се зголемува, една објава на Фејсбук од докторката од Универзитетската болница во Лариса, Ерис Цијастудис, дава друга слика за трагедијата во Темпи.

Според административниот советник на Лекарското друштво Лариса, дваесетгодишен студент се истакнал по своите херојски постапки кога успеал сам да го скрши стаклото и да спаси најмалку десет млади луѓе.

Студентот Андреас Аликаниотис излегол речиси неповреден од вториот вагон и пркосејќи на опасноста и огромниот оган кој горел покрај него, сакал да спаси луѓе. И успеал во тоа, пренесува protothema.gr.

„Иако денес небото беше исполнето со ангели, ние имаме среќа меѓу нас да имаме земски ангел, 20-годишниот студент Андреас Аликаниотис, кој излезе речиси неповреден од вториот вагон. Тој е херој затоа што ризикувајќи го својот живот, со огромен оган покрај него, не го напушти вагонот туку сам успеа да го скрши стаклото и спаси уште најмалку десет деца, момчиња и девојчиња. Во денешниот мрачен ден Андреас ни покажа дека новата генерација Грци има добрина, принципи и морал! Честитки за мојот убав Андреас, честитки за родителите кои те воспитале!“, се вели во објавата.

Бројот на загинатите во железничка несреќа во Грција се искачи на 40, соопштија денеска на брифинг претставници на противпожарната бригада и полицијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.