Граѓаните во Грција кои се над 60-годишна возраст и не се вакцинирани, од денеска нема да биде потребно да плаќаат месечна административна казна од 100 евра што беше воведена пред три месеци, со оглед на тоа дека привремено се укинува конкретната одлука на Владата, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерот за здравство на Грција Танос Плеврис минатиот месец соопшти дека од 15 април привремено ќе се укине казната од 100 евра, а мерката одново ќе се разгледа во септември.
Мерката беше воведена на 16 јануари годинава и се однесува на граѓаните со наполнети 60 години кои не се вакцинирани и секој месец плаќаа казна по 100 евра.
За периодот од стапувањето во сила на мерката, заклучно со денеска, невакцинираните ќе треба да платат износ од вкупно 300 евра, меѓутоа, Плеврис, говорејќи за грчките медиуми во изминатите денови ја остави отворена можноста да се поништат веќе изречените казни, во случај невакцинираните да решат да се вакцинираат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.