Алтернативниот грчки министер за надворешни работи Милтијадис Варвициотис призна дека владата на Нова демократија дала дозвола за извоз на нелегалниот шпионски софтвер „Предатор“ во Судан, кој сега се соочува со драматична граѓанска војна, пренесува грчкото радио „Реалфм“.
Во изјава за „Реалфм“, Варвициотис инсистира дека извозната дозвола дадена за извоз на „предатор“ во Судан нема никаква врска со граѓанската војна во земјата.
„Ова не ја предизвика граѓанската војна во Судан, вели грчкиот министер.
Неговата изјава ја разоткри грчката влада која досега го негираше извозот, а владиниот портпарол Јанис Ојконому ги нарече прашањата од Сириза за ова прашање како „заговор“.
Сириза во неделата ја праша владата во Атина дали го извезла нелегалниот шпионски софтвер „Предатор“ во Судан откако пишувањата на „Њујорк тајмс“ и на „Инсајд стори“ за прашањето за извозните дозволи ја поттикнаа и Европската комисија да побара објаснување.
Претходно месецов беше објавено дека обвинителот на ЕУ започнал истрага за т.н. „Предаторгејт“, вклучувајќи го и прашањето за извозните дозволи. Според два различни извори на „Еурактив“, обвинителот во последните неколку недели добил конкретни информации од грчките новинари кои го истражуваат скандалот со прислушувањето.
Според сведоци на обвинителството грчката влада го олеснила ширењето на шпионскиот софтвер „предатор“ на „Интелекса“ во земји како Саудиска Арабија, Судан, Мадагаскар и Бангладеш со издавање дозволи за извоз преку грчкото Министерство за надворешни работи. Обвинителот на ЕУ испитува дали грчката влада ја прекршила Регулативата (ЕУ) 2021/821 за т.н. производи со „двојна употреба“ (производи за кои е потребна посебна дозвола за извоз затоа што може да се користат и за предизвикување штета) за да ја фаворизира грчката компанија „Интелекса“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.