Претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ денеска изјави дека не сака да учествува во спроведувањето на усвоените измени на Законот за претседател, но одлучил да го потпише бидејќи не сака да ги наруши неговите уставни овластувања.

„Колку и да можев да си најдам алиби дека парламентарното мнозинство очигледно постапува неуставно, вие ме разбравте – не сакам да се приклучам на хорот на оние кои го уништуваат Уставот и со тоа ја уништуваат државата. Тоа не припаѓа на секое одговорно лице, особено не претседателот“, изјави Ѓукановиќ прашан дали ќе започне консултации и ќе му даде мандат на лидерот и пратеник на Демос, Миодраг Лекиќ.

Тој рече дека во врска со евентуалното распуштање на парламентот, внимателно ги слуша специјалистите за уставно право и презема чекори за кои смета дека на најубедлив начин ја покажуваат неговата посветеност кон Уставот и државата Црна Гора.

„Со ова прашање не треба да се игра. Ваквото прекршување на Уставот го сметам за непростлива одговорност. Верувам дека тоа го прават за да ја уништат независна Црна Гора. Затоа строго ги толкувам моите обврски, вака ќе биде во случај на евентуална уредба за распуштање на парламентот“, рече Ѓукановиќ.

„Се додека можеше да се носат одлуки во институциите, тој пат го сметав за најцелисходно. Меѓутоа, сега таа можност веќе не постои. Ме радува што немаме насилни демонстрации, имаме граѓани кои се собираат“.

Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, го повика Собранието да не се обидува да формира нова влада според неодамна усвоените измени на Законот за претседател.

Во интервју за агенцијата МИНА, Ескобар рече дека не гледа како САД би можеле да соработуваат со влада што ќе се формира под тие услови. Тој рече дека во отсуство на целосно функционален Уставен суд, усвојувањето на контроверзната мерка за ограничување на овластувањата на претседателот, истовремено игнорирајќи ги јасните совети на Венецијанската комисија, дополнително ги поткопува црногорските демократски институции.

„Црна Гора сега е на непозната територија, но сакам да бидам јасен и да го повикам Собранието да не се обидува да формира нова влада според овој закон. Мојата порака до црногорските лидери е: Не правете го тоа“, посочи Ескобар.

Пратениците во црногорскиот парламент во понеделникот повторно ги усвоија измените на Законот за претседател на Републиката, со кои Собранието презема дел од надлежноста на шефот на државата при предлагање мандат за состав на влада. Измените на законот со кои се отвора пат парламентарното мнозинство да го избере својот кандидат за мандатот, беа усвоени и покрај препораките на Венецијанската комисија и Европската унија да се откажат од него. зш/

2022-12-16 20:55:54, од Златко Шумковски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.