Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека во интерес на Косово е да го спроведе нацрт статутот на Заедницата на српски општини (ЗСО) и да тоа би бил голем исчекор, додека еврокомесарот Оливер Вархеји истакна дека Косово мора да ги удвои своите напори за да успее дијалгот со Србија, јави дописникот н МИА од Белград.

Претседателката на ЕК ова го изјави по претставувањето на извештајот за проширувањето на прашање на албански новинар што станува со барањето на Косово за пристапување во ЕУ.

– За Косово е важно да постои јасна цел за зачленување и тоа да биде јасно што очекуваме од Косово, а тоа е спроведување на нацрт статутот на ЗСО. Тоа би бил голем исчекор и тоа е во интерес на Косово. Ако ги погледнеме Косово и Србија, важно е на секоја земја да и дадеме можност да се приближи кон ЕУ. Поттикот е многу позитивен и прашање е што вие направивте за да се приближите до ЕУ, истакна таа.

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји наведе дека постои барање на Косово да се придружи во ЕУ и дека ова барање е во Европскиот совет.

– Советот сè уште не побарал мислење од ЕК. Подготвени сме да го дадеме. Нашиот впечаток е дека кога станува збор за Косово, европскиот пат се постигнува преку дијалог. Косово мора да ги удвои своите напори за дијалогот да биде успешен, рече Вархеји.

Во Планот за раст на Западен Балкан, кој денеска беше претставен во Брисел, се наведува дека Европската комисија цврсто верува дека проширувањето останува клучна политика на Европската унија, а особено дека полноправното членство на Западниот Балканот во ЕУ е од политички, безбедносни и економски интереси на Унијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.