Портпаролот н Европската Унија за надворешна политика и безбедност Петер Стано потврди дека специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот на Белград и Приштина Мирослав Лајчак ќе одржи заедничка средба со претседателот на Србија Александар Вучиќ и косовскиот премиер Аљбин Курти. Средбата ќе се одржи денес во Берлин.
Пред оваа средба косовскиот премиер, а потоа и српскиот претседател ќе имаат одвоени средби со германскиот канцелар Олаф Шолц.
„На покана на канцеларот Шолц, специјалниот претставник на ЕУ Лајчак исто така ќе отпатува во Берлин за да се сретне со канцеларот, а потоа и да одржи одвоена неформална средба со претседателот Вучиќ и премиерот Курти“, наведе Стано во пишаниот одговор додавајќи дека оваа средба има цел поддршка на дијалогот за нормализација на односите кој го води ЕУ.
Ова ќе биде прва средба на Вучиќ и Курти по јули минатата година, кога се сретнаа во рамки на бриселскиот договор. Претседателот на Србија и косовскиот премиер се сретнаа во два наврати минатото лето меѓутоа двете средби завршија со меѓусебни обвинувања и без резултат.
Лајчак во неодамнешно интервју кажа дека ќе свика нова рунда на највисоко политичко ниво само кога ќе има назнаки дека Вучиќ и Курти се спремни околу нешто да се договорат.
Неформалната вечера на која ќе присуствуваат Мирослав Лајчак, Аљбин Курти и Александар Вучиќ би требало да го одблокира процесот на дијалогот, кој е замрзнат веќе речиси една година.
Клучна улога тука ќе има германската влада, односно канцеларот, кој, според европските дипломати, јасно ќе им даде до знаење на страните, дека се очекува конструктивна атмосфера за време на вечерата која ќе резултира со спремност на страните да продолжат со редовните средби во Брисел.
„Нормализацијата на односите на Србија и Косово е многу високо на германската агенда и самата покана која доаѓа во момент кога канцеларот е преплавен со обврски поврзани со војната во Украина е доказ колку ова прашање е важно за официјален Берлин“, изјавил еден дипломат.
Тој додал дека поканата на Вучиќ и Курти да одат во Берлин е „доказ за спремноста на германскиот канцелар лично да се ангажира околу ова прашање“.
Дипломати од државите членки на ЕУ се надеваат дека по вечерата работата ќе тргне и дека ќе има повеќе спремност кај страните редовно да се сретнуваат во Брисел и да ја придвижат работата. Она на што се гледа како потенцијален сигнал за деблокада, според дипломатите, е договор за енергетиката и исчезнатите лица, но и можен договор за регистарските таблички.
Како што објаснуваат дипломатските извори, договорите за исчезнатите лица и енергетиката се речиси завршени, и дека станува збор за „јазични финеси“ за страните да се согласат со текстот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.