Државниот секретар на британското Mинистерство за надворешни работи, Џејмс Клеверли имал „многу искрен“ разговор со албанскиот премиер Еди Рама во однос на контроверзните тврдења на министерката за внатрешни работи Суела Браверман за бројот на албански мигранти кои се обидуваат со чамци преку Ла Манш да стигнат до Обединетото Кралство.
Тој во разговорот му рекол дека албанските граѓани кои се одлучуваат на овој начин да влезат на британска територија се доведуваат во опасност самите себе.
Со Рама разговаравме за работите за кои зборуваше нашиот секретар за внатрешни работи, а тоа е дека значителен број Албанци се доведуваат во опасност самите себе кога се ставаат во рацете на трговците со луѓе, рекол Креверли, јавија албанските медиуми.
Тој додал дека разговарале и околу изјавите што беа дадени од двете страни.
Заклучокот е дека јас и премиерот имавме многу добар разговор, многу пријателски разговор и дека имаме многу добри односи и соработка, нагласил Креверли.
Рама претходно ја нападна владата на Велика Британија, велејќи дека Лондон мора да престане да ги обвинува Албанците за сопствените „неуспеси во политиката“, како укор на, како што рече, „лудото“ резонирање на британската министерка за внатрешни работи Суела Браверман.
Таа, пак, предизвика контроверзии во понеделникот кога пред британскиот Парламент рече дека доколку опозициската Лабуристичка партија „би била на чело, тие би им дозволиле на сите албански криминалци да дојдат во земјата“.
По обвинувањата на Рама реагираа и од Кабинетот на премиерот на Обединетото Кралство, Риши Сунак, во чие соопштение се нагласува дека Британија останува посветена на борбата против трговијата со луѓе и дека има силни односи со Албанија.
Британија има силни односи со Албанија и е благодарна за работата што ја прави за справување со шверцерите на луѓе. Имаме силни односи со нашите албански партнери. Благодарни сме за соработката на албанската влада и остануваме целосно посветени на заедничката работа, стои во соопштението.
Според статистиката на британските власти, од околу 40 илјади илегални мигранти кои влегле годинава во оваа земја над 12 илјади се албански граѓани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.