Дванаесет лица загинаа, а десетици се повредени откако полски автобус удри рано денеска во Хрватска, јавија хрватските медиуми.
Според хрватската ТВ Н1 има 31 повредени. Претходно денеска агенцијата Хина објави 40 повредени.
Единаесет лица починале на лице место, а едно лице починало во болница, соопшти телевизија Н1. Повредените се примени во болниците во Вараждин, Загреб и Чаковец.
Несреќата се случила во 5 часот и 40 минути на автопатот А4 во правец кон Загреб, кога автобус со полска регистарска табличка излетал од патот во Вараждинска област, северна Хрватска.
Има сомнежи дека возачот заспал на воланот, додава хрватската телевизија ХРТ.
Хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ изјави дека автобусот превезувал аџии во католичкото светилиште на Богородица во селото Меѓугорје, Босна и Херцеговина, додаде Хина.
Светилиштето е третата најпопуларна дестинација за аџилак во Европа по Лурд (Франција) и Фатима (Португалија), иако Ватикан не потврди ниту едно од чудата што луѓето тврдат дека виделе таму, додаде АП.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ им изрази сочувство на роднините на загинатите и телефонски разговараше со полскиот колега Матеуш Моравјецки.
Во име на владата изразив сочувство до семејствата на жртвите и го информирав полскиот премиер дека надлежните служби се на терен и дека на повредените патници им е укажана помош, напиша Пленковиќ на Твитер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.