Србија најави дека ќе ја усогласи својата визна политика со стандардите на Европската Унија, а во исто време, ЕУ сака да ја зајакне улогата на Фронтекс на границите во Западен Балкан поради зголемениот број мигранти кои пристигнуваат преку балканската рута.

Порталот „ЕУОпсервер“ објави дека Србија има безвизен режим со дваесет земји, чии граѓани вообичаено имаат потреба од виза за влез во ЕУ.

Во моментов, на граѓаните на Азербејџан, Бахреин, Белорусија, Боливија, Гвинеја-Бисао, Индија, Индонезија, Јамајка, Ерменија, Катар, Казахстан, Кина, Киргистан, Куба, Кувајт, Монголија, Оман, Русија, Суринам и Турција не им се потребни визи за влезат во Србија.

Минатата недела Белград ги раскина договорите за безвизен режим со Тунис и Бурунди, по предупредувањето од Брисел до ЕУ дека поради таквата визна политика на граѓаните на Србија повторно може да им биде оневозможено слободно патување во ЕУ, пишува „ЕУОпсервер“.

Амбасадата на Србија во ЕУ претходно објави дека Белград „фундаментално ќе се усогласи со визната политика на ЕУ до крајот на годината“, пренесе Бета.

Поратлот наведува дека иако не е експлицитно наведено, во таа изјава меѓу редови може да се види дека покрај Тунис и Бурунди, наскоро правото да влезат во Србија без виза ќе го изгубат и државјани на некои други земји.

Статистиката покажува зголемување на бројот на државјани на Куба (339 наспроти 36), Индија (4.469 наспроти 557) и Турција (6.186 наспроти 1.652) кои влегуваат во Србија, а тие се повеќе се обидуваат нелегално да стигнат до ЕУ, иако повеќето мигранти се уште пристигнуваат од Сирија и Авганистан преку балканската рута, пишува порталот.

„ЕУОпсервер“ прецизира дека лани, државјани на Турција, Тунис, Индија, Куба и Бурунди биле актери во вкупно 2,5 отсто од илегалните гранични премини на балканската рута, а годинава тој процент се искачил на 20 отсто.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.