Косовската полиција соопшти дека го уапсила 55-годишниот албански државјанин Гзим Чеља, познат како „нарко-барон“ по кого е распишана потерница од надлежните органи во Албанија, бидејќи е осуден на затворска казна од поранешниот Суд за тешки кривични дела во матичната држава, како и од италијанските правосудни органи, јави дописникот на МИА од Приштина.
Полицијата денеска информира дека Чеља бил уапсен вчера околу 17:55 часот во селото Дарданиа кај Урошевац, додека бил во стан на државјанин од Косово со иницијали А.И. Косовскиот државјанин е осомничен дека подолго време го засолнувал Чеља во својот стан.
Во соопштението се наведува дека во моментот на апсењето, албанскиот „барон на дрогата“, покрај од косовскиот државјанин, бил придружуван од две девојки од Албанија, кои биле во станот со нив.
При претрес на станот, полицијата пронашла автоматско огнено оружје АК-47 со 15 куршуми.
Според медиумите во Албанија и Косово, Чеља е познат по трговијата со дрога која доаѓала од Турција преку Бугарија, Македонија и Албанија, кон Косово и западноевроските земји.
Во неговата вила во селото Фушекуќе, во околината на градот Лежа во северозападна Албанија, во 2015 година било пронајдено количество од 18 килограми кокаин.
Албански надлежен суд на Чеља му одредил безбедносна мерка затвор за сторени кривични дела „Трговија со наркотици“, извршени во соработка, во рамки на здружена злосторничка група и „Извршување кривични дела од криминална организација и здружена злосторничка група“.
Тој е осуден на казна затвор во траење од 10 години и 8 месеци од поранешниот албански Суд за тешки кривични дела за сторени делата „Трговија со наркотици“ и „Неовластено производство и поседување оружје и воена муниција“. Исто така, во 2012 година италијанските правосудни органи го осудиле на 19 години, 9 месеци и 29 дена затвор, за сторени кривични дела „Организирање на илегална миграција“ и „Криминална организација за експлоатација на проституција“, согласно италијанскиот Кривичен законик.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.