Ова е Договорот од Преспа. Ако постоеше кредибилна, национална, патриотска, општествена, народна грчка влада, ќе го стореше ова, рече лидерот на десничарско-националистичка партија Грчко решение Кирјакос Велопулос од говорницата на Парламентот и го искина листот со Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.

На денешната седница во Парламентот, на која се дискутираше закон од Министерството за култура, а темата во никој случај не беше грчката надворешна политика, Велопулос се осврна на т.н. национални прашања.

Не постои ни северна ни јужна Македонија, Македонија е една и е грчка. Го кажувавте тоа на протестите. Сега ја нарекувате Cеверна Македонија. Нашиот проблем не е претседателката на Скопје, проблемот е начинот на кој ја учат нивната историја, логиката со која самиот народ избира. Кого? Комитите. ВМРО е најлошото што би можело да го избере еден народ. Фашистичка и нацистичка партија, регуларна нацистичка партија, рече Велопулос.

Во продолжение го извади документот со Договорот од Преспа, рече дека ако владата не може да го стори тоа, ќе го сторат тие и го скина листот.

Упати остри критики до грчката влада, повикувајќи ја да ги донесе за ратификација трите меморандуми „за сите партии да гласаат против“.

Донесете ги меморандумите за соработка со Скопје, сите да гласаме против, бидејќи тие го поништија Договорот, а не ние, рече Велопулос.

Грчко решение е партија која на ланските избори беше шеста со освоени 4,44 отсто од гласовите и доби 12 пратеници, а на последните истражувања на јавното мислење во Грција е со зголемен рејтинг што достигнува и до седум проценти и се движи на четвртата и петтата позиција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.