Лидерот на босанските Срби во Република Српска Милорад Додик, му додели орден на рускиот претседател Владимир Путин, објаснувајќи го чинот со неговиот наводен придонес во соработката меѓу двете земји.

По повод 9 јануари, кој во РС се слави како ден на ентитетот, Додик додели педесетина различни награди на личности и институции, а прв на листата беше рускиот претседател, кој се соочува со општа изолација на Запад поради агресијата врз Украина.

Благодарение на позицијата на Владимир Путин и силата на Руската Федерација, гласот и позицијата на Република Српска се слушаат и се почитуваат, а нејзината позиција е зачувана под налетот на меѓународниот интервенционизам, рече Додик во Бања Лука, објаснувајќи ја својата одлука за доделувањето на орденот на рускиот претседател.

Тој најави дека медалот ќе му го даде на Путин подоцна, односно кога двајцата повторно ќе се сретнат.

Додик наградата му ја додели и на претприемачот Слободан Станковиќ, кој беше на црната листа на американската администрација поради вмешаност во корупција. „Интеграл инжењеринг“ на Станковиќ во моментов гради пат во Хрватска што треба да го поврзе новиот мост кај Градишка со автопатот Загреб-Липовац. Меѓу наградените се пејачот на новокомпонирана музика Маринко Роквиќ и српскиот патријарх Порфириј.

Властите на РС го слават 9 јануари како ден на тој ентитет и покрај пресудите на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, кој го прогласи одбележувањето на тој датум за неуставно бидејќи ги дискриминира Хрватите и Бошњаците кои живеат во тој ентитет.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.