Намаленото ДДВ во Грција од 24 на 13 отсто за транспортот и туристичките пакети, воведено во периодот на пандемијата веројатно ќе се задржи, со оглед на тоа што според грчките медиуми, вклучено е во буџетот за 2024 година, јави дописничката на МИА од Атина.

Намаленото ДДВ се однесува на билетите за воз, авион, траект и за јавниот и такси превоз, како и на туристичките пакети и цените во хотелите.

Вонредната мерка воведена во 2020 година е во сила до крајот на годинава, меѓутоа од 1 јануари, се чини дека нема да има промени и цените ќе останат исти.

Дополнително, според информациите во грчките медиуми, намаленото ДДВ на кафето ќе биде продолжено за шест месеци, до средината на 2024 година, додека пак од 13 на 24 отсто ќе се зголеми данокот на додадена вредност на безалкохолните пијалаци во кафулињата и рестораните.

Одлуките на грчката Влада официјално ќе бидат вклучени во буџетот за следната година што утре се очекува да биде доставен во грчкиот Парламент.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.