Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји пред денешната посета на Скопје, вчера од Софија порача прашањето за почеток на преговори за членство на Македонија во ЕУ да се реши до јуни годинава. Тој изрази крајно разочарување што се уште се разговара за ова прашање. Премиерот Димитар Ковачевски, пак, вчера повтори дека на земјава и треба брзо, а не избрзано решение и оти остануваме на инсистирањето пред европските партнери час поскоро да почне првата меѓувладина конференција. За Ковачевски, не може популистичко-националистички реторики да бидат пречка за зачленување во ЕУ.

– Кога сум веќе во Софија, има уште едно големо прашање кое не може да се избегне, а да не се продискутира – а тоа е кога ќе ги имаме првите меѓувладини конференции со Македонија и со Албанија и кога ќе почнеме да испорачуваме кон овие земји, рече Вархеји во обраќањето на Регионалниот форум за односите меѓу Европската Унија и Балканот (EU meets Balkans) во Софија.

Вархеји нагласи дека ЕУ нема ниту време, ниту интерес да се одложуваат првите меѓувладини конференции со Скопје и Тирана.

– Сите земји членки треба да ја разберат трансформативната моќ на процесот на пристапување. И ова е пораката што ја носам во Софија повторно, бев тука пред три седмици и ќе доаѓам колку што е потребно за да се реши ова прашање во јуни годинава, бидејќи војната во Украина ни покажа дека ниту имаме време за губење, ниту интерес да се одложува овој процес, подвлече Вархеји.

Според него, војната во Украина и лекциите од минатото покажаа дека треба да се забрза процесот на целосна интеграција на Западниот Балкан во Унијата.

– Кога го наследивме ќорсокакот во процесот на преговори со Македонија и Албанија ние исто така наследивме регион каде што и економскиот и социјален јаз меѓу ЕУ и регионот е огромен и тоа останува еден од клучните предизвици, да не ги споменуваме и институциналните реформи што треба да се направат, додаде Вархеји.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.