По ниеден начин не ги доведуваме во прашање идентитетот и јазикот на Република  Македонија, порача вечерва бугарскиот премиер Кирил Петков.

Тој во одговор на прашање кој е неговиот став за македонскиот јазик и народ истакна дека Бугарија е првата држава која ја призна  Македонија како самостојна држава и оти се гордее со тоа.

Кога си самостојна држава ние по ниеден начин не го доведуваме во прашање идентитетот, јазикот во Република Македонија. Тоа е ваше идентитетско право. Никој тоа не го оспорува – рече Петков во интервју за ТВ Сител.

Постојат, како што рече, две прашања.

Прво, зошто за толку години не сме направиле поблиски врски. И тоа не на политичка основа. Треба да изградиме вистински заемни врски кои нема да зависат од тоа кој седи тука. Да не зависи кој е премиер во Македонија или Бугарија. Тие врски треба да се трајни. Ако двата народи мислат дека имаме најдобри односи ниеден политичар нема да се осмели да направи нешто друго. Второ, не треба да мислиме тесноградо. Дел од проблемите треба да ги адресираме на едно европско ниво. Ако поставиме едни јасни правила, како на пример дека говор на омраза не е дозволен. Секој обид треба да се пресече. Не може да се користи говор на омраза за сосед со кој сакаме да имаме добрососедски односи – посочи Петков.

За да се подобрат односите меѓу двете земји, препорача да се направат работни групи на повеќе сектори, и тие, како што рече, да разговараат на многу конкретни теми, како на пример инфраструктура.

Прво да имаме авионска линија Софија-Скопје, затоа што треба да има. Јас сум сигурен дека ќе наполниме еден лет само од работните групи кои ќе одат и тука и таму. Второ да се заврши железничката линија која се гради 140 години. Тие работи придвижуваат – рече Петков.

Нагласи дека низ годините секоја од страните многу зборувала, многу ветувала, но не исполнувала многу од работите.

Треба да направиме план – што ветуваме малку или многу, но да се реализира. Тоа ќе создаде чувство на доверба, и кога ќе се довериш некому ќе видиш дека успехот носи повеќе успех. Треба да покажеме конкретен чекор кон успех. Јас сега на првата средба со мене го земам министерот за транспорт, бидејќи сакам тие теми да не бидат предмет на разговор уште три недели, туку за таа авиолинија Софија-Скопје да се договориме што се вели уште утре. Зошто да чекаме? Тој е тој приод. И откако ќе го завршиме тоа, веќе сме го направиле првиот успех. Следува вториот, па третиот и така да ги наредиме успесите и патоказот и да има дисциплина – потенцира Петков.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.