Бугарскиот државен обвинител Иван Гешев во понеделникот утрото мина неповреден во експлозија на бомба на автопатот Софија – Самоков по кој минувал неговиот штитен конвој возила, а властите инцидентот го квалификуваат како обид за атентат.

„Државниот обвинител Иван Гешев беше цел на обид за атентат, тоа не беше само обично заплашување“, изјави за новинарите неговиот помошник обвинител Борислав Сарафов.

Властите претходно потврдија дека заштитениот конвој возила во кој бил и автомобилот со Гешев околу 11,40 часот по локално време се движел кон Софија, кога меѓу две села во близина на Самоков одекнала експлозија крај автопатот дошло до експлозија.

Според истрагата, пламените јазици од експлозијата биле високи 4-5 метри, а на коловозот бил формиран кратер со длабочина од 30 до 40 сантиметри и пречник од 3 метри. Како што претходно објави полицијата, бомбата експлодирала пред едно возило во конвојот, а притоа е повреден припадник на обезбедувањето на обвинителот.

„Бомбата не содржеше само експлозив во еквивалент на три килограма ТНТ, туку и гелери. Станува збор за атентат кој го подготвиле професионалци и кој е очигледно добро изведен“, додаде за новинарите заменикот на државниот обвинител Сарафов.

Гешев и неговото семејство, кои биле во блиндиран автомобил кој бил сменет непосредно пред патот, ја избегнале експлозијата по чиста случајност, оцени Сарафов.

Бугарското државно обвинителство отвори истрага за чин на тероризам. Примероци од бомбата предадени се на детална анализа.

„Сѐ е во ред, добро што ги сменив автомобилите во последен момент. Инаку… добро што не убија некого. Загрижен сум за децата, тие многу се исплашија“, рекол во првата изјава по инцидентот Гешев за порталот Epicentar.bg

Десетици илјади Бугари во 2020 година со месеци протестираа против силно раширената корупција во општеството и особено во врвите на власта, кога на власт беше владата на Бојко Борисов. Демонстрантите тогаш воедно бараа и оставка на Иван Гешев со обвинувања дека обвинителството ништо не презема против корупцијата.

Самиот Гешев со години во бугарското општество е доживуван како контроверзна личност, Неговиот мандат трае до 2026 година, а обвинуван е дека ги штити личностите на високи позиции и оти ги попречува истрагите за можни корупциски дела.

По големите протести Бугарија влезе во периодот на политичка нестабилност, со парламентарни избори кои не даваат јасен победник и неможност да се формира влада со цврсто парламентарно мнозинство. На почетокот од април се одржаа петтите избори во последните две години, кои повторно не дадоа јасно мнозинство, па можеби уште ова лето Бугарите ќе мора да излезат повторно на избирачките места.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.