Ја повикувам владејачката партија да ги достави буџетот и францускиот предлог за Македонија во парламентот, порача лидерот на бугарската опозициска партија ГЕРБ, Бојко Борисов, пренесува Вести.бг.
На нова средба со пратениците од ГЕРБ, тој ги повика да разговараат со пратениците од другите парламентарни партии и да се донесе одлука за Република Македонија.
Според него, владејачката партија паднала од власт поради ароганција, што довело и до нејзина изолација во парламентот. Меѓу другото, Борисов испрати повик до Кирил Петков и неговата партија Продолжуваме со промената да го поддржат францускиот предлог за Македонија.
„Ние од ГЕРБ вчера ја почувствувавме тежината на оваа одлука, долго ќе им ја објаснуваме на нашите гласачи, некои од нив сигурно ќе изгубиме“, додаде поранешниот премиер, кој вчера јавно даде поддршка за францускиот предлог и истакна дека Македонија и Бугарија имаат „зелено светло“ за почеток на преговорите.
Тој не го криеше ниту својот гнев, испровоциран од зборовите на Кирил Петков дека денеска не може да се започне процесот.
„Да не ја скршиме владата на Македонија и да не правиме штета. Ако се случи ова, вие господине Петков сте сојузник на Путин на Балканот! Затоа, ве молиме, наредете и на вашата партија да придонесе, да биде лидер. Денеска ќе си заминете со одлука и сите ќе ви аплаудираат“, му порача Борисов на Петков.
Претходно на брифинг во Народното собрание, координаторката на пратеничката група на ГЕРБ, Десислава Атанасова, најави дека пратениците на оваа партија ќе се појават на пленарна седница доколку се разгледуваат важни прашања, како државниот буџет, законите поврзани со Планот за закрепнување и одржливост и фондовите на ЕУ и темата за Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.