На парламентарните избори во Бугарија, одржани вчера, врз основа на 71,64 отсто од обработените гласови, во парламентот влегоа шест партии предводени од коалицијата ГЕРБ-СДС предводена од поранешниот премиер Бојко Борисов со 26,33 отсто од гласовите, јавуваат медиумите во регионот.

Следува Сојузот „Демократска Бугарија“ и „Преродба“ со 14,76 отсто.

Централната изборна комисија утринава соопшти дека во борбата за третото место „Преродба“ – екстремно десничарската и ултранационалистичка политичка партија води со два отсто од гласовите во однос на центристичкото Движење за права и Слободи (ДПС).

Петта е Бугарската социјалистичка партија (БСП), а во парламентот влегува и партијата „Има таков народ“.

Тоа е политичка партија основана од бугарскиот пејач, ТВ водител и политичар Слави Трифонов.

Изборите ги предводи коалицијата „Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), централно-десничарската партија на долгогодишниот лидер Бојко Борисов, со Унијата на демократски сили (СДС).

Изборите во неделата беа петти парламентарни избори во Бугарија во изминатите две години и се одржаа во атмосфера која се карактеризира со широко распространето незадоволство против политичките елити кои многумина ги сметаат за неподготвени сериозно да се зафатат со корупцијата и економските реформи, според Ројтерс.

Анкетите на јавното мислење покажуваат дека Бугарија и по овие избори нема да добие функционално парламентарното мнозинство, што ќе ги загрози амбициите на земјата да се приклучи на еврозоната во блиска иднина и ефикасно да ја искористи помошта на Европската унија за да се опорави од последиците од Ковид-19 пандемијата, пренесува Ројтерс.

„Без разлика кој ќе победи, големото прашање ќе остане нерешено – какви се изгледите за формирање на нова влада. Јасно е дека во моментов нема политичка сила која има не само апсолутно мнозинство, туку доволно голема предност за формирање влада“, оценува Геновева Петрова од агенцијата Алфа Рисрч.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.