Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, изјави дека, доколку се примени договорот помеѓу Косово и Србија, тоа ќе го отвори патот за признавање на Косово од страна на пет земји-членки на  ЕУ кои не го сториле тоа.

Како што јави „Гласот на Америка“, Ентони Блинкен одговорил на прашањето на сенаторот Жан Шахин за неговите напори да ги убеди петте земји од ЕУ кои не го признаваат Косово да го сторат тоа.

„Тоа секако е прашање на кое сè уште работиме, но исто така мислам дека овој договор, доколку се имплементира, всушност води кон признавање од овие земји“, рече Блинкен.

Тој призна дека признавањето на Србија е друга работа и дека тоа ќе потрае некое време.

„Доколку дојде до нормализација на односите меѓу Косово и Србија, тоа би имало позитивен ефект и верувам дека на крајот ќе стигнеме до таа точка, но мислам дека тоа што Косово и Србија постигнаа договор, под претпоставка дека ќе го спроведат, ќе ги водат петте земји кон признавање“, рече Блинкен.

Тој за време на седницата рече дека напредокот постигнат меѓу Србија и Косово дава надеж на патот кон нормализација.

„Сметам дека е важно, освен што двете земји начелно се договорија да го направат тоа, овие обврски да се дел од плановите на двете земји за членство во Европската Унија, па се надевам дека ова ќе биде поттик да го спроведат“, рече Блинкен.

Сенаторот Сахин изјави дека се согласува и нагласи дека верува оти е важно луѓето во Косово и Србија да ги почувствуваат придобивките во приватниот живот од таквиот договор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.