Безбедносно-информативната агенција (БИА) и полициски екипи од регионот го истражуваат случајот со Коста Кецмановиќ, кој на 3 мај во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград уби девет ученици и училишниот чувар, пренесува срспки „Курир“, според чии извори постои сомнеж дека тој комуницирал со други лица преку видео игрите и нив наводно им се доверил дека планира страшно злосторство.

Сепак, повеќето соговорници на кои тој наводно им ја открил тајната, не го сфатиле сериозно.

Според неофицијални информации, БИА дошла до ова сознание откако го прегледала компјутерот на момчето.

Осомниченото момче убиец често играше многу насилни компјутерски игри. Една од нив беше „Валорант“. Секоја од тие игри има своја „соба за разговор“, т.е. дел каде играчите разменуваат пораки меѓу себе. Експертите од БИА успеаја да ја најдат целата кореспонденција на момчето со неговите соиграчи, вели извор на весникот, според кој истражувачите се шокирале кога виделе дека тој отворено признава дека планира да убива.

Според извори од истрагата, наводно некои играчи не го сфатиле сериозно момчето, па дури и го испровоцирале велејќи му дека нема храброст за таков план. По оваа информација, агентите на БИА многу брзо дошле до IP адресите (уникатни броеви кои ги користат компјутерите) на лицата со кои момчето се допишувало и утврдиле дека никој од нив не е од Србија.

Веднаш била известена полицијата на државите од регионот од каде што се соговорниците на момчето. Во тек е истрага која треба да утврди зошто лицата со кои се допишувал момчето не ги пријавиле неговите намери, а ќе бидат сослушани и играчите кои го провоцирале, вели соговорникот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.