Колумбиските власти откриле операции на три балкански картели во земјата. Станува збор за криминални групи предводени од Дарко Шариќ, Милета Миљаниќ и Дејан Стојановиќ – Кека, кои војуваат меѓу себе!

Џебовите на корумпираните службеници кои работат во колумбиските пристаништа и аеродроми се полни со банкноти кои ги плаќаат гангстерите од Балканот, чиј бизнис во Колумбија расте заедно со кокаинот кој ја преплавува Европа, се вели во текст објавен на порталот „Елколумбијано“.

Според податоците добиени од полицијата и меѓународните агенции за борба против наркотици, не станува збор за една единствена организација од Балканот, туку за група криминални банди, кои се меѓусебно непријателски настроени.

Клановите се составени од шверцери на дрога и поранешни војници од поранешна Југославија. Затоа ги нарекуваат југословенска мафија. Во Колумбија се откриени операции на три картели: групата Шариќ, групата „Америка“ и групата на Кека – пишува „Елколумбијано“.

Извори од полицијата за овој портал објаснуваат дека балканските картели во Колумбија почнале да се однесуваат „срамежливо“ во првата деценија на 21 век, речиси секогаш во соработка со италијански нарко шверцери.

Во последните пет години тие зајакнаа и сега испраќаат свои делегати директно да преговараат за производство, транспорт и испорака на кокаин. Тие купуваат од поранешни припадници на ФАРК, ЕЛН, Кланот дел Голфо, „Ла Офисина“, Управниот одбор за трговија со дрога и независни мрежи – наведува порталот.

Криминалците кои доаѓаат во Колумбија се претежно од Србија, Албанија, Хрватска или Босна и се населуваат во главните градови како Меделин, Богота, Кали, Баранкиља и Картагена. Тие се претставуваат како инвеститори, а всушност ги координираат зделките за наркотици.

За да извлечат дрога, претпочитаат да изнајмуваат чартер летови на аеродромите во главните градови или да ја камуфлираат во контејнери што ги напуштаат пристаништата Санта Марта, Баранкиља и Картагена – изјавил за овој весник полициски агент за борба против наркотици.

Еден од тие „инвеститори“, кој јавно се претставуваше како наследник на синџир хотели во Холандија, е Црногорецот Иван Армуш, кој беше уапсен во април 2021 година во Картагена, откако на неговата едрилица беше откриен половина тон кокаин!

Ширење на украинската мафија поради војната

Марија Велез де Берлинер, советник во Пентагон и професор на Универзитетот Џорџ Вашингтон, за „Елколумбијано“ вели дека покрај кланот Шариќ, групата на Кека и групата „Америка“, колумбиските власти мора да бидат внимателни и со ширењето на украинската мафија.

Како што се наведува, еден од главните нарко босови е Семјон Могилевич, за кого американската влада нуди награда од пет милиони долари.

По војната во Украина, се повеќе бегалци од оваа земја се обидуваат да добијат азил во САД, а нарко клановите ја користат тешката ситуација и се подготвени веднаш да им обезбедат „вработување“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.