Албанскиот премиер Еди Рама ја почна официјалната посета на Соединетите Американски Држави, при што денеска ќе учествува на состанокот на Советот за безбедност на ОН, каде неговата земја е привремена членка.

За време на четиридневната посета, на 15 февруари во Вашингтон, Рама ќе има средба со американскиот државен секретар Ентони Блинкен. Состанокот на Рама доаѓа по одлуката САД и Албанија да бидат кодомаќини на прашањето за Украина во Советот за безбедност на Обединетите нации, пренесува агенцијата Балкан веб.

Ова е втора средба меѓу Рама и Блинкен, по онаа од 13 јуни 2021 година во Брисел, каде што САД и Албанија потпишаа меморандум за 4G и 5G безбедност.

Шефот на албанската влада покрај Советот за безбедност и средбата со државниот секретар, ќе се сретне и со заменик помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Габриел Ескобар, а планирани се средби и со други претставници на кои ќе се разговара за можна воена и образовна соработка меѓу двете земји.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.